Луѓето кои секојдневно консумираат алкохол би требало да имаат по два целосно „суви“ дена во неделата, сугерираат британските лекари. Тие истакнуваат дека консументите на алкохол само на тој начин ќе можат да го одржат здрав својот црн дроб, орган кој најмногу страда од алкохолот.
Новата препорака на лекарите сосема се разликува од досегашната лекарска препорака околу дневното консумирање алкохол.
Според најновите норми, кои ги имаат определено лекарите, на мажите им е дозволено консумирање од три до четири чаши дневно, а на жените две до три.
Препораката на британските лекари не само што сугерира два дена во неделата апстинирање од каков било алкохол, туку и се нагласува пиењето да се поврзува со телесната тежина и притоа да се внимава на дебелината.
На седницата на британската влада е предложено отворање на посебна интернет страница за љубителите на алкохолот, на која ќе можат да се информираат за лимитот за пиење врз основа на својата тежина.
Сепак, лекарите предупредуваат дека алкохолот, без оглед на количината, му штети на црниот дроб, па затоа мора да се прави пауза од најмалку два дена.


















