Грицките кои што се произведени врз база на рафиниран шеќер се најголемиот предизвикувач на кариес, пандемиско заболување кое што погодува се повеќе луѓе без разлика на полот, расата, возраста или материјалната состојба.
Особено штетно е конзумирањето на тврдите слатки - бомбони, лижавчиња и други „крцкалки“ чии што делови се лепат за забите и им помагаат на бактериите да создадат киселина која што ја нагризува глеѓта на забот. Особено е опасно ако тие слатки се конзумираат во кратки временски периоди (на половина час), бидејќи со тоа се оневозможува механизмот на воспоставување на природната киселост во усната празнина.
Најдобро е слатките да се конзумираат веднаш по оброкот, додека продукцијата на плунката е засилена. Плунката е важен сојузник во борбата против кариесот бидејќи ги неутрализира опасните киселини (гумите за џвакање својот антикариес ефект го засноваат на принципот на стимулација на лачење на плунка). Ако во времето помеѓу оброците не можете да преживеете без нешто да грицнете, обидете се барем да го намалите нивниот број. Наместо по чоколадото, посегнете по целерот, морковот, свежото овошје или напијте се чаша јогурт.
Веднаш по слаткиот оброк пожешно е да се јаде парче сирење или гума за џвакање без шеќер. Сирењето обезбедува калциум за надокнадување на минералите кои што се губат по дејството на киселините и помага да се воспостави микробиолошка рамнотежа во устата.
Чајот и кафето ја менуваат бојата на забите и ја сушат устата со што посредно придонесуваат за развој на кариесот (дури и кога не содржат шеќер). Кофеинот ја намалува продукцијата на плунката. Опасност за забите претставуваат и киселите овошни сокови (портокал, јаболко), бидејќи ја менуваат Пх вредноста во устата и ја намалуваат отпорноста на глеѓта. Поради тоа, не е препорачливо да се мијат забите веднаш после киселиот оброк или пијалок, потребно околу еден час за Пх вредноста во устата да се врати на нормала.


















