Топлата облека, која ја облекуваме со доаѓањето на студените денови, го сокрива телото така што на него многу помалку мислиме, па не треба да не чуди што, во просек се дебелееме од 1,5 до 2 килограми во текот на зимата, објаснуваат лекарите.
Постои теорија според која сме генетски програмирани во есен да ги акумулираме мастите за да можеме да ја преживееме зимата. Проблемот е, меѓутоа, во тоа што не мораме да го таложиме салото, бидејќи имаме доволно храна во текот на целата година.
На зголемениот апетит, во текот на зимата, исто така, влијае и мелатонинот, популарно наречен „хормон на спиењето“, кој повеќе се лачи во есен и зима и кој кај некои луѓе го поттикнува чувството на глад.
Лекарите ја наведуваат како причина за таложење на килограмите и промената на видот на храната која во зима е помрсна и покалорична, но и депресивните состојби кои обично го следат ова годишно време, а кои некои лица ги „лекуваат“ со калорична храна. Недостигот на витаминот Д, исто така, може да влијае на килажата, иако тоа се уште не е научно докажано.
- Изгледа дека недостигот на витаминот Д го забавува разградувањето на масните наслаги, затоа, треба колку што е можно повеќе да се изложуваме на дневна светлина и да јадеме мрсна риба богата со овој витамин. Со се пократките денови и пониските температури, луѓето се повеќе склони да остануваат дома, убивајќи го времето пред телевизор, објаснуваат нутриционистите.
Без физичка активност нема губиток на калории, затоа се препорачува да си изберете некој спорт или вежбање во текот на зимските месеци.


















