Руските експерти за вселената и членовите на Европската комисија на седми јули ќе се состанат и ќе расправаат за формирање заедничка одбрана од илјадници потенцијално опасни астероиди.
И покрај зголемената загриженост од заканите на астероидите, во пракса се уште не е развиен ниту еден програм во борбата против нив, но веќе се развиваат неколку теории.
Во извештајот на Астрономскиот Институт на руската академија на науките, пишува дека руските научници „избројале“ околу 6.960 астероиди што се блиску до Земјата, а 87 отсто од нив се со големина од 100 до 1.000 метри, 48 се комети, а 806 се со големина над 1.000 метри.
Како „потенцијално опасни“ се означени 1.185 од овие вселенски тела, а научниците пресметале дека 146 се со размер од 1-2 километри, кои што можат да предизвикаат катастрофална промена на светската клима.
Сударот со таквиот астероид, би предизвикал експлозија што е еднаква на 50 милиони нуклеарни бомби, како оние што се фрлени врз Хирошима во Втората светска војна. Ударот, објаснуваат научниците, би направил кратер со најмала големина од 1.000 километри, а на Земјата драстично ќе се намали температурата.


















