Три колумбиски момчиња кои биле на списокот за отстрел, поставен на Фејсбук, се убиени во изминатите десет дена во градот Пуето Асис, на југозападот на Колумбија, соопштија властите
Дополнетиот список за отстрел, што содржи 69 имиња, објавен е на 17 август со порака луѓето кои што се наоѓаат на него имаат три дена да го напуштат Пуето Асис или, во спротивно, ќе бидат убиени.
Два дена претходно, додека возеле со мотоцикл, убиени се Диего Фернеј Хармиљо (16) и Ејбарт Алехандро Руис Мунос (17), кои се наоѓале на првобитниот список.
Алехандро Варгас (19) е убиен на 20 август, а во истиот напад е ранет Хуан Пабло Самбрано Анакона (16). Имињата на двајцата млади се наоѓале на „црната листа“.
По убиствот на Варгас во градот завладеала паника. Многу родители своите деца, чии имиња се на списокот за отстрел, се испратени надвор од градот.
Колумбиската полиција, која во почетокот мислела оти станува збор за шега, се уште не утврди кој го поставил списокот на Фејсбук, ниту зошто токму тие луѓе се нашле на списокот.
Властите напоменаа дека во тој дел на Колумбија делува бандата „Лос Растрохос“ и бунтовниците од марксистичката герилска група Револуционерни вооружени сили на Колумбија.
Владата понуди награда од пет милиони пезоси (околу 2.750 долари) за информации за убиствата.



















