Белград наскоро може да добие нов додаток во туристичката понуда, под името „Тура Ѓоковиќ“, во чест на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
Како што наведува весникот „Ало“, идејата турата за разгледување на Белград да го добие името по најдобриот тенисер во светот, наиде на позитивни реакции.
Меѓу првите реагираа претставниците на Туристичката организација на Белград, кои сметаат дека таквата тура би го зголемила угледот на српскиот главен град.
- Мислам дека еден ваков аранжман значително би придонел за промоција на Белград, бидејќи Ноле е херој за многу сограѓани, но и жители на Србија. Ако се направи и конципира на вистински начин, сметаме дека како туристичка понуда може да биде една од поатрактивните поврзани за Белград. Секако, за целиот овој проект треба внимателно да се размисли, да се зборува и со Новак, т.е. со неговото семејство и Тенискиот сојуз на Србија, но ако има простор за договор, зошто да не“, изјави за „Ало“ Дејан Веселинов, в.д. директор на ТОБ.
Директорот на оваа организација потенцира дека турата треба внимателно да се замисли и дека многу луѓе треба да бидат вклучени во целиот проект.
- Ние веќе се обидовме да направиме нешто слично, па во текот на АТП турнирот „Србија Опен“ организиравме посета на трофејната сала на Новак Ѓоковиќ, каде ги промовиравме неговите успеси. Сепак, тура низ неговиот живот би била посериозен проект и секако од корист за градот Белград, на кој Новак е амбасадор, заклучи Веселинов.
Туристичката организација внимателно води сметка за интересните спортски настани во главниот град, па така сите љубители на фудбалот ќе имаат можност, во организација на Град Белград да го посетат овој настан идната година.
- Планиравме за сите заинтересирани да организираме тура ‘вечно дерби’, која би била со возење во автобус со отворен кров низ улиците на Белград и со одење на дерби на Ѕвезда и Партизан. Веруваме дека за тоа има простор, како и за организирање на интересни тури поврзани за други спортски настани кои ги има овој град, вели тој.
Тура „Меси“ за 185 евра
Турата „Ѓоковиќ“ нема да биде единствена, бидејќи во Аргентина веќе постои тура „Меси“ во организација на тамошната туристичка агенција „Тангол“, која за „само“ 185 евра понуди турнеа низ животот на најдобриот фудбалер во светот.
Понудата вклучува одење на натпревар на аргентинската репрезентација и посета на важни места поврзани за животот на напаѓачот на Барселона, како куќата во која живеел или игралиштето на кое ги направил првите фудбалски чекори.



















