Република Македонија денеска ја слави деветнаесет годишнината од нејзината независност, сувереност и самостојност.
Согледувајќи ја состојбата во Југославија, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвои Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година, по што следуваше и одлуката за распишување на референдум на 8 септември 1991. година.
На референдумот кој се одржа на 8-ми септември, убедливо мнозинство - 95% од граѓаните што излегоа да гласаат, позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?
На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 проценти од вкупниот број на граѓани со право на глас).
По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собирале на плоштадот Македонија во центарот на Скопје, каде Македонското радио организирало свеченост насловена Глас за Македонија со настап на стотина естрадни ѕвезди.
Идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров се обратил кон македонскиот народ со историскиот говор:
„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“. Вакви спонтани прослави биле организирани и во Битола, Охрид и во другите градови низ Македонија.



















