Интернетските страници на американската влада го доживеаја најголемиот напад до сега.
Анонимната група хакери го покрена најголемиот напад во историјата“, објавија на “Анон Дејли“ Твитер профилот откако ја срушија страната на ФБИ, на Министерството за правда и Здружението на филмови и дискографи.
На страницата “Акамаи“ која го следи глобалниот интернет сообраќај, во последните 24 часа биле регистрирани 218 напади, додека интернетската активност поврзана со нападите е зголемена за 24 отсто, а вкупниот интернетски сообраќај пораснал за 13 отсто.
Покрај веќе срушените страници, анонимните хакери најавиле и напади на други цели, како страницата на Белата куќа, но се чини дека до сега, тие страници се’ уште не успеале да ги срушат.
Овие напади се поттикнати од предлозите на законите против поратеријата “СОПА“ и “ПИПА“, а непосреден повод за синоќешниот голем напад било гасењето на “Мегааплоад“.
Имено, ФБИ вчера во координирана акција со уште неколку земји ја укина страницата за размена на датотеки и уапси некои од нејзините вработени во Нов Зеланд, вклучувајќи го и нејзиниот основач Ким Шмиц, познат како Ким ДотКом со тешко обвинение – покрај за кршење на авторските права, обвинет е и за рекетирање и перење пари, а им се заканува и казна од дури 50 години затвор.
Во американското Министерство за правда рекле дека оваа страница има повеќе од 150 милиони регистрирани корисници, со 50 милиони дневни посетители и дека само на нив отпаѓа четири отсто од вкупниот интернетски сообраќај.
Она што е особено интересно е дека акцијата за гасење на “Мегааплоад“ отпочна само еден ден по големите онлајн протести против “СОПА“ и “ПИПА“ со чие изгласување Американците би добиле големи овластувања со кои би можеле да гаснат интернетски страници за кои се сомневаат дека содржат материјали кои ги кршат авторските права, па се чини дека сакале да им покажат дека не им требаат такви закони за да ги гасат страниците за размена на датотеки.
Пораката на анонимните хакери е јасна – “време е за акција“, па така во следните денови можеме да очекуваме нови напади, а пред некое време на интернет се појавија информации дека тие повторно планираат да ја срушат страната на “Сони“ поради нивната поддршка на овие закони.


















