Кај зависниците од интернет се појавуваат штетни промени на мозокот слични на оние кои се случуваат кај нарко зависниците или алкохоличарите.
Кинеските научници ги скенирале мозоците на 35 лица на возраст меѓу 14 и 21 година.
Кај 17 од нив е констатирано дека имаат специфично нарушување, односно зависност од интернет (ИАД), врз основа на позитивните одговори на прашањата како што се „Дали сте имале повеќе неуспешни обиди да контролирате, намалите или да ја прекинете употребата на Интернет?“.
Кај лицата кои биле класифицирани како зависници, скенирањето на мозокот со магнетна резонанца покажало промени во белата мозочна маса, делот каде се наоѓаат нервните влакна. Притоа е воочено прекинување во врските меѓу нервните влакна во деловите на мозокот задолжени за емоции, донесување на одлуките и за самоконтрола. Слични резултати се добиени и кај зависниците од видео игри, покажала студијата.
За да се постави оваа дијагноза, направена е посебналиста на прашања за дијагностички критериуми за зависност од интернет:
- Дали сте опседнати со интернетот?
- Дали чувствувате дека секој пат ви е потребно се повеќе време на интернет за да се почувствувате задоволно?
- Дали повеќе пати безуспешно сте се обидувале да го контролирате, намалите или прекинете користењето на интернет?
- Дали сте вознемирени, нерасположени, депресивни или иритирани додека се обидувате да намалите или да прекинете со користењето на интернет?
- Дали останувате „онлајн“ подолго отколку што сте планирале?
Кај сите учесниците кои одговориле потврдно на прашањата од еден до пет е констатирана зависноста од интернет.


















