Пушачите кои имаат повисоко ниво на витамин Б6 и одредени есенцијални аминокиселини во крвта, имаат помал ризик да заболат од рак на белите дробови, се наведува во студијата на британската Агенција за истражување на ракот (ИАРЦ).
Научниците велат дека овој податок можеби е клучен во објаснувањето зошто некои пушачи заболуваат од рак, а некои не.
Ракот на белите дробови е најчеста болест во светот, а 90 проценти од сите случаи се предизвикани од пушењето. Меѓу 10 и 15 проценти од сите пушачи заболуваат од оваа болест.
Научниците на ИАРЦ во својата студија вклучиле 900 заболени од рак на белите дробови, при што откриле дека пониското ниво на витаминот Б6 и на аминокиселината метионин го зголемува ризикот од заболување. Витаминот Б6 и метионинот се наоѓаат во месото, рибата, јаткасти плодови, зеленчукот и бананите.
„Ова значи дека исхраната има важна улога во развојот на рак на белите дробови, но прерано е да се тврди дека само со промена на начинот на исхрана може да се избегне болеста“, изјавил Пол Бренан, шеф на истражувањето.
Шведските научници пред пет години објавија студија според која жените со повисоко ниво на витаминот Б6 имаат помал ризик од развој на рак на дебелото црево.
























