Првиот носител Србинот Новак Ѓоковиќ се пласира меѓу четворицата најдобри на УС-опен откако неговиот сонародник Јанко Типсаревиќ го предаде мечот (7-6,6-7, 6-0, 3-0) по скоро три и пол часа игра поради болка во левата нога. Тој за место во големото финале ќе се бори со Швајцарецот Роџер Федерер.
- На Јанко ова му беше прво четвртфинале на гренслем-турнирите и вложи голем напор на теренот. Тој не можеше да се движи како во првите два сета и не беше во состојба да продолжи понатаму. Пријатели сме со Типсаревиќ, го познавам многу добро и знам дека не е човек кој се предава. Но, понекогаш ни се случуваат работи што не ги сакаме – изјави Ѓоковиќ.
Петкратниот освојувач на шампионскиот пехар на Флешинг Медоус, Федерер полесно од очекувањата, со 6-4, 6-3, 6-3 славеше над Жо-Вилфред Цонга. Швајцарецот на овој начин му се одмазди на Французинот за елиминацијата на Вимблдон.
- Играм одлично, а ако продолжам така ќе биде супер. Против Новак ќе биде тешко, секогаш е, особено сезонава, кога игра феноменално – изјави Федерер.
Меѓу најдобрите четири се пласира и топ-носителката Каролин Вознијацки, која со 6-1, 7-6 славеше над Андреа Петковиќ од Германија. Данската тенисерка, која е во поход кон првото гренслем одличје, за место во големото финале ќе се бори со американската ѕвезда Серена Вилијамс, која претходно славеше над Русинката Анастасија Пављученкова.
- Со нетрпение го очекувам следниот дуел. Серена е голем спортист и одлична девојка. Таа е борец, исто како мене. Тоа ќе биде интересна пресметка – изјави Вознијацки.
Во второто женско полуфинале силите ќе ги одмерат Германката Анжелик Кербер, која ја елиминираше Италијанката Флавија Пенета, и Саманта Стосур, која беше поуспешна од втората носителка Вера Звонарева.
Резултати
Мажи (четвртфинале): (1) Ѓоковиќ – (20) Типсаревиќ 7-6, 6-7, 6-0, 3-0 (Типсаревиќ предаде); (3) Федерер – (11) Цонга 6-4, 6-3, 6-3; (4. коло) (2) Надал – Милер 7-6, 6-1, 6-2; (4) Мареј – Јанг 6-2, 6-3, 6-3; (28) Иснер – (12) Симон 7-6, 3-6, 7-6, 7-6; (21) Родик – (5) Ферер 6-3, 6-4, 3-6, 6-3.
Жени (четвртфинале): (1) Вознијацки – (10) Петковиќ 6-1, 7-6; Кербер – (26) Пенета 6-4, 4-6, 6-3; (28) С. Вилијамс – (17) Пављученкова 7-5, 6-1; (9) Стосур – (2) Звонарева 6-3, 6-3.



















