Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија е пред нов предизвик во квалификациите за Европското првенство кое 2012. година ќе се одржи во Полска и Украина. Утре, со почеток од 20 часот на Националната Арена "Филип Втори" во Скопје гостува селекцијата на Ерменија.
"По несреќниот пораз со Словачка, во кој според мене прашањето на победникот го одлучи главниот судија на натпреварот, сега ни претстои меч против неатрактивен и незгоден противник, а ние сме во таква ситуација да мора да одиме на победа. Се надевам дека со мирна и сталожена игра, со многу додавања и пред се колективен дух и дисциплина ќе стигнеме до трите бода против Ерменците." - изјави селекторот Мирсад Јонуз на денешната прес конференција, притоа додавајќи:
"Во однос на составот можам да најавам дека ќе има две до три измени во споредба со оној кој настапи против Словачка. Внесување на свежна во ваков циклус натпревари е неопходна, бидејќи секој натпревар бара максимум од играчите." - категориечн е Јонуз, притоа најавувајќи дека против Ерменците ќе настапиме во формација 4-3-3.
Ацо Стојков и Ванче Шиков, кој заработи црвен картон на дуелот со Словачка, се ослободени од обврските во репрезентацијата, а на утрешниот меч "црвено жолтите" од клупата ќе ги предводи помошникот на Јонуз, Влатко Костов. Ваков развој на настаните проследи како последица на суспензијата од еден меч по исклучување на селекторот на Македонија во Братислава.
"Сеуште не можам да поверувам дека го загубивме мечот во Словачка. Но тоа е фудбалот, сега мора да ги консолидираме редовите и да ги освоиме трите бода против нашиот утрешен противник." - изјави на денешната прес конфернција капитенот на националниот тим, Горан Пандев.
"Ерменија е добра и квалитетна селекција, која игра преку контранапади. Се надевам дека уште на стартот од натпреварот ќе поведеме и на крајот ќе оствариме добар и поволен резултат за нас." - категоричен е дефанзивецот Николче Новески.
За утрешниот меч против Ерменија, отворени ќе бидат портите само на северната трибина, а картите се веќе во продажба во салоните Тугедер по цена од 100, 200 и 300 денари. Јужната трибина сеуште не ги исполнува техничките услови пропишани во критериумите на УЕФА, па од безнедносни причини нема да биде пуштена во употреба. На "Југ" ќе се работи со полна пареа, се со цел да биде оспособена за употреба за дуелот со Русија, информираат од националната фудбалска куќа.




















