Бриџстоун ја објави листата на типови пневматици кои ќе бидат алоцирани во првата половина од сезоната.Откако претходно беше позната одлуката на компанијата за првите три трки, сега таа е проширена за првите седум, односно заклучно со трката за ГН Турција.
Согласно правилата, Бриџстоун како ексклузивен снабдувач на сите екипи во првенството, произведува четири типа на пневматици кои се именувани како тврди, медиум, меки и супер-меки.
На секое гран при се носат по два од овие четири типа, при што е наложено дека секој мора да ги користи двата типа во текот на трката, освен доколку не заврне. Потврдата од двете опции кои се нудат на едно гран при се ословува како „примарна“, а вториот тип кој е помек се ословува како „опција“. За да внесат поголема драматика, од Бриџстоун во 2009 година започнаа да користат два типа на гуми кои не се соседни во изборот, со идеја да има поголема разлика во перформансите на болидите кога возат со еден од двата типа на гума за тој гран при викенд. Во пракса, тоа значи дека има само две опции како да се измешаат овие четири типа на гуми, а притоа да има поголема разлика во смесите: најтврдите со меки, и медиум со супер-меки.
Во Бахреин се користеа супер-меки и медиум, а за Австралија и Малезија беа најавени меки и тврди. Овој избор ќе продолжи и на другите трки во Кина, Шпанија и Турција, а исклучок ќе биде само трката во Монако, каде што ќе се користат супер-меки и медиум. Во минатото, токму за уличната трка во кнежевството, Бриџстоун правеше исклучок, носејќи ги двете најмеки гуми, супер меки и меки, со идеја да овозможи подобар контакт на болидите со асфалтот, бидејќи на јавните патишта секогаш е потешко да се обезбеди такво нешто, за разлика од автодромите.

Од друга страна, критиките на дел од тимските шефови беа усмерени токму кон гумите на Бриџстоун, кои станале премногу издржливи откако во зимската пауза компанијата ги ревидирала нивните конструкции за да можат да ја издржат тежината на болидите со полн резервоар на гориво. Барањето за воведување задолжителни две застанувања во боксот беше фундирано токму со аргументот дека супер-меките гуми во Бахреин издржувале по 25 круга, а дека потврдите можеле да ја издржат и целата трка.
- Да се одлучи кои гуми треба да се понесат на едно гран при секогаш е тешка одлука, особени бидејќи немаме најава за точните временски услови кои ќе ги видиме на патеката во текот на тридневните активности. Перформансите на гумите во Бахреин беа добри, но сепак остануваме внимателни бидејќи безбедноста е нешто што нам ни е првенствена грижа. Шангај и Барселона се особено остри, а Истанбул како што видовме минатите години, е исклучително груб кон пневматиците. За Монако оваа година ќе направиме разлика во алоцираните типови, што е различно од двете најмеки гуми кои ги носевме порано,- вели Хирохиде Хамашима од Бриџстоун, директор за развој на пневматиците во моторспортот во оваа компанија.

























