Фернандо Алонсо инсистираше дека нема да биде разочаран ако во 2010 година не ја освои формула 1 титулата по третпат во кариерата.
Шпанецот ќе дебитира за Ферари на Бахреин ГП трката в недела, а Скудерија беа брзи во текот на зимското тестирање и многумина ги сметаат за први фаворити. Како и целиот тим, и Алонсо сакаше да ги намали очекувањата.
"Сфаќам дека луѓето ќе бидат разочарани ако јас не станам шампион оваа година, но јас лично нема да бидам разочаран. Ова е спорт, Реал Мадрид и Барселона се најдобри тимови на светот, но тие можат да загубат во Лигата на шампиони. Да не се освои титула е сосема логично, и нема да биде разочарувачки", изјави Алонсо во интервју за шпанското радио Кадена Сер.

Алонсо, кој лани не успеа да стигна до ниту една победа со Рено, сепак, е оптимистички расположен за новата сезона со Ферари Ф10 болидот.
"Сакам да им се заблагодарам на сите кои работеа на новиот болид. Веќе кажав дека ова е најдобриот болид кој сум го возел во кариерата. Тоа не значи дека ќе победуваме на секоја трка, но мислам дека сме добро подготвени за Ферари. Ние сме Ферари и знаеме од нашата историја дека имаме само една цел - да ја освоиме титулата", додава Алонсо.
Фелипе Маса против новите тимови
Неговиот колега Фелипе Маса, пак, е загрижен дека бавните болиди на новите тимови можат да направат опасни услови за тркање и не верува дека нивното присуство е добро за спортот. Лотус, Вирџин и ХРТ се приклучуваат на спортот во Бахреин, каде што се очекува да бидат до 4-5 секунди подалеку од најдобрите тимови. Минатиот месец Ферари преку колумна на својот веб-сајт имаа остри критики на новите тимови и го нападнаа поранешниот претседател на ФИА, Макс Мозли, за оваа ситуација.
"Се надевам дека нема да се опасност. Има шест или седум тимови кои се на разлика од една секунда на врвот, додека тие тимови заостануваат најмалку 4 секунди по круг. Тоа не е добро за спортот и не е добро за нив, како да има две паралелни серии. Тие ќе страдаат, но ќе страдаме и ние, бидејќи ќе се пред нас на квалификациите", изјави Маса.

Бразилецот, кој се враќа во спортот по хорор-сударот на квалификациите за Унгарското ГП минатата година, очекува дека покрај најдобрите четири (Ферари, Ред Бул, Мекларен, Мерцедес) и Вилијамс можат да бидат опасни.
"Секогаш ја гледаме конкуренцијата, не само нивните најдобри времиња, туку и симулациите на трките. Има доста конкурентни тимови, Ред Бул, Мекларен, Мерцедес, а можеби и Вилијамс", додава Маса.

























