Според медиумите на Островот, англискиот пилот во Мекларен, Луис Хамилтон се наоѓа пред сензационален трансфер во тимот на Ферари.
Ваквата мега-бомбастична Ф1 приказна се поткрепува со слабата сезона на Хамилтон, како и лошите резултати вкупно на славниот италијански тим изминатиов период, а особено падот на формата на нивниот втор возач Фелипе Маса.
Доколку овој трансфер навистина се случи, тогаш Хамилтон повторно би бил тимски колега со Фернандо Алонсо, со кого и не е баш во најдобри односи.
- Хамилтон зад себе има контроверзна сезона и разочарувачки настапи. Фрустрации му се зголемија бидејќи неговиот клупски колега Џенсон Батон е побрз и има подобри резултати од него, а врв на разочарувањата беа дуелите и караниците со Фелипе Маса – пишува „Дејли мејл“.
Во прилог на шпекулациите за трансферот на Хамилтон во црвениот болид коментира и поранешниот Ф1 пилот Дејвид Култхарт за Би-би-си.
- Фелипе е добро момче, но не ја имаа онаа форма од пред несреќата во Унгарија пред две години. Ферари нема друг избор, освен излез од кризата да бара со ангажман на некој друг возач – вели Култхарт.

























