Стјуардите крај патеката Монте Карло се решија да му изречат казна на Михаел Шумахер, која се однесува на престигнувањето на Фернандо Алонсо пред самиот финиш на трката.

На Германецот му се доделени 20 секунди на севкупното време на трката, со што тој го загуби шестото место, пласирајќи се на 12-та позиција, без бодови. Отстранувањето на Германецот му дава еден бод на Себастијан Буеми на Торо Росо, кој првично не беше во зоната на бодови.
Според новите правила воведени оваа сезона кои се однесуваат за безбедносното возило, возачите не смеат да престигнуваат во моментите кога се повлекува возилото за безбедност, се додека не се достигне старто-целната рамнина. Тоа значи дека денешната трка беше предвидено да заврши со тековните позиции на возачите, без можност за престигнување, иако безбедносното возило се повлече во боксот на еден свиок пред крајот на трката. Со тоа возачот на Мерцедес ги прекршил правилата, за што добива и заслужена казна.
Додека Ферари остро реагираа, во Мерцедес беа убедени дека не прекршиле никакво правило.
- Оваа година има ново правило. Стефано Доменикали вели дека ако трката заврши со безбедносно возило, не смее да се претекнува, но возилото се повлече. ФИА рече дека возилото ќе се повлече. Според инструкциите на ФИА, трката не заврши со безбедносно возило, па ги советувавме возачите да се натпреваруваат помеѓу линијата на возилото и линијата за финиш, - Рос Браун погрешно ги протолкува правилата.
Фернандо Алонсо пак, беше убеден дека Шумахер ќе добие казна, а тој ќе си го врати шестото место кое го заслужи на трката.
- Трката беше многу добра и на крајот имам добро чувство. Тимот ми кажа дека не смееме да престигнуваме, а јас го видов Михаел... ќе го казнат, па ќе завршиме победувајќи во секој случај, - самоуверен беше Алонсо по трката.
Сега ситуацијата во генералниот пласман оди во прилог на Фернандо Алонсо, кој добива екстра бодови за шестата позиција. Шпанецот сега е на само три бода негатива од двоецот на Ред Бул, Вебер и Фетел, кои имаат по 78 поени. Шумахер останува на деветтата позиција, но сега со 22 наспроти 30-те пред казната. Ферари има екста бодови во поредокот на конструктори, сега со 136 на своето конто, 20 помалку од водечкиот Ред Бул.

























