Македонската музичка легенда Тоше Проески доколку беше жив денеска ќе наполнеше 31 година. Тоше беше познат хуманист и затоа во негова чест денеска Црвениот крст заедно со “Тоше фан клуб“ ќе организира крводарителска акција што ќе трае од 10 до 18 часот во Домот на АРМ во Скопје.
Здружението на телесно инвалидизирани лица на град Скопје “Мобилност Скопје“, пак, организира бесплатен такси превоз за членовите на Здружението до гробот на Тоше Проески и Спомен куќата во Крушево.
Во чест на неговиот роденден, во саботата се одржа концерт “Неговите арии“ во Македонската опера и балет каде балкански оперски пејачи ги изведуваа неговите песни на нов начин.
Најдобриот македонски вокал трагично загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври во 2007 година во Хрватска, а денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост. И после шест години, споменот и тагата за македонскиот ангел не избледува.
Освен што беше најдобар кај нас, Тоше беше и меѓу најголемите ѕвезди на Балканот.
Музичката кариера ја започна со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997 година, каде ја однесе победата. Оттогаш кариерата на Тоше се движеше само во нагорна линија. Соработуваше со познати светски музички имиња и сигурно му претстоеше успешна и светска кариера.
Во 2004 година е прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ.
Тоше сите ќе го паметите по неговата позната изрека “Ве сакам сите“.